Намалување на цените на лековите, најави министерот Филипче

Намалени се максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 оригинаторни лекови, односно таканаречени иновативни лекови, изјави на конференцијата за новинарите во петокот, министерот за здравство Венко Филипче
Намалувањето на максималните цени доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои ќе важат од 1-ви април.

„Заштедата кај генерички лекови на годишно ниво изнесува 993 илјади евра, додека кај оригинатори, односно иновативни лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра. За компарација, во 2016 година вкупната заштеда кај оригинатори и генерички лекови изнесувала 1.126.000 евра, а во 2017 година вкупната заштеда изнесува 398.315 евра“, рече Филипче.

Појасни дека со оваа, како што рече,  најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови. Истовремено, со намалување на болничката цена на лекови ќе се озвозможи зголемување на квалитетот на здравствена заштита.

Од таму најавуваат дека и во иднина ќе продолжи да се надградува методологијата за цените на лековите како рационална мерка, со цел реално следење на целата политика на лековите во интерес на граѓаните.