Во пресрет на средбата во Виена за името, како и по протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, Партијата на обединети демократи на Македонија (ПОДЕМ) повикува во однос на двете прашања Македонија да се води од принципот на градење на добри односи со сите.
ПОДЕМ смета дека избрзано се пристапи кон прашањето за протерување на рускиот дипломат, за што веќе слушнавме од рускиот амбасадор дека ќе следи адекватен и промислен одговор.
„Да не заборавиме дека Русија е меѓу првите земји која не призна под нашето уставно име. Исто така дека е постојана членка на ООН и што е најважно од се немаме никви отворени прашања помеѓу двете држави. Само за потсетување, нема никакви осуди и протерувања на руски дипломати од страна на половина земји членки на ЕУ и НАТО, а секако и од соседна Грција“, вели лидерот Живко Јанкулоски.
По ваквата одлука, според челникот на ПОДЕМ, потребно е транспарентно изложување на причините за одлуката за протерување на дипломатот и само таков пристап може поволно да влијае на односите меѓу Македонија и Русија.
„Но, да се надеваме дека нема да бидеме на удар на извозни санкции, особено што Русија е значаен трговски партнер, пред се во поглед на пласманот на земјоделското производство од Македонија. На транспарентност инсистираме и во преговорите со Грција. Сметаме дека само така ќе се скратат апетитите на грчка страна. Во спротивно, се додека Коѕијас го дочекуваме како Маршал, тој едно ќе зборува пред нас тука, а друго кога се враќа во Грција“, додава Јанкулоски.
Потсетува дека за време на последната посета на Македонија, Коѕијас пред сите изјави дека постојат компромиси, и како што рече самиот, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува.
„Но, не требаше многу, за кога ќе замине во Грција да не нарече малo тукушто родено бебе, кое се уште го нема најдено својот идентитет. Крајно навредувачки како кон сосед, каде живее народ со долгогодишен македонски идентитет и култура“, посочува Јанкулоски и додава дека поради тоа потребно е да ѝ се покаже на Грција дека Македонија се големи како земја и како народ и дека за нас идентитетот е аманет и света работа.