ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДСМ целосно ги полититизираше и понижи судството

Македонија е земја каде што политички и без никаква основа луѓе се држат во притвор. Македонија е земја каде што политички се апсат пратеници од опозицијата без да се почитува Устав и закон, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија е земја каде што се изрекуваат затворски казни за сопственици на медиуми кои не објавувале невистини, туку објавиле податок кој бил личен. Македонија е земја во која што бизнисмени во суд сведочат како премиерот барал поткуп, а судиите и обвинителите стојат молкум пред него и чекаат да ги реформира. Македонија е земја каде што премиерот соопштува класифицирани информации дека има истрага за корупција против двајца функционери во Владата и половина година после тоа нема ништо од истрагата. Македонија е земја во која што специјално јавно обвинителство конструира предмети, повикува сведоци кои потоа укажуваат колку не држат случаите, а судот по политичка наредба им ја исполнува секоја желба не водејќи сметка за еднаквите права и на втората страна во постапките, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваква е состојбата со македонското судство денес. Политизирано, понижено, без доверба и под целосна контрола на СДСМ и Зоран Заев.

Во ваква ситуација политички се гонат патриоти за измислено обвинение за тероризам. Еден ден највисокиот Врховен суд одлучува дека доволна мерка за нивно обезбедување е куќниот притвор, а веќе следниот ден Основниот суд по нечија наредба сака да покаже дека мора да се знае „кој е кој“ и мора да се следат наредбите, па дава насока да се трауматизираат семејствата и луѓето одново да се апсат само за да се задоволи нечиј каприц. Патриотите не се терористи. Судот час поскоро треба да го сопре овој прогон и да се ослободи од стегите и влијанијата на Зоран Заев и СДСМ. Судиите мора да го почитуваат Уставот, законите и човековите права на секој граѓанин без разлика на неговата политичка определба или политички став. Политичкиот прогон мора да запре. Обвинителството мора да престане да креира монтирани обвиненија и да работи на сузбивање на реалниот криминал кој ја влоши безбедносната ситуација во државата. Мора веднаш да бидат отфрлени неоснованите обвиненија и да бидат ослободени од притвор овие невини луѓе, порачуваат од партијата.