Претседателот на Русија во 2013 година имал приходи од 3,672.208 рубљи, односно околу 74.187 евра, било наведено во неговата годишна даночна пријава, која ја објавила прес – службата на Кремљ, јавува новинската агенција Итар-Тасс, пренесува Нетпрес.
Неговите приходи во претходната година, пак, биле за 2,118 милиони рубљи (59.454 евра) повеќе. Но, разликата е во тоа што во сегашната даночна пријава ги нема приходите на неговата сопруга, бидејќи лани тој се разведе од неа. Исто така, не се наведени ниту приходите на неговите полнолетни ќерки, пишува Итар-Тасс.
Владимир Путин на свое име има два стана. Едниот од 77 метри квадратни, кој е негова лична сопственост, и вториот со површина од 153,7 метри квадратни, кој му е доделен на користење. Рускиот претседател поседува и една парцела од околу 1,5 декари, една гаража, едно паркинг место, како и четири автомобили, од кои два се т.н. олдтајмери од моделот „Волга“.
Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев, за 2013 година пријавил приход од 4,256.525 рубљи, околу 119.485 евра, било објавено на интернет страницата на руската влада. Тоа е за 1,814 милиони рубљи (50.920 евра) помалку од претходната, 2012, година.
Според даночната пријава, Медведев поседува еден стан од 367 метри квадратни. Исто така и неговата сопруга поседува стан со толкава големина. Рускиот премиер има и една парцела од 4,7 декари, како и два автомобили олдтајмери („Победа“ и „Волга“). Неговата сопруга, пак, поседува еден „Фолксваген голф“, произведен 1999 година.
Најбогата меѓу сопругите на руските функционери, според податоците објавени од Кремљ, е Олга Шувалова. Таа е сопруга на вицепремиерот Игор Шувалов. Во даночната пријава за 2013 година, Шувалова пријавила приход од 237 милиони рубљи, односно 6,65 милиони евра.
Олег Белавенцев, пак, е човекот од целата претседателска администрација во Русија, кој заработува најмногу. Тој е ополномоштен претставник на рускиот претседател во т.н. Кримски федерален округ, а во даночната пријава навел дека неговиот приход е 80 милиони рубљи (2,25 милиони евра).
Најмалку приходи, меѓу чиновниците во Кремљ, нешто помалку од 6 милиони рубљи (168.426 евра), пријавил Рашид Нургалиев, кој е заменик – секретар на Советот за национална безбедност и поранешен министер за внатрешни работи.