На 10-ти април седница за недоверба на Владата, до 13-ти април да се донесе реформскиот пакет?

На 10-ти април седница за недоверба на Владата, до 13-ти април да се донесе реформскиот пакет
Седницата на Собранието на која ќе се најдат реформските закони треба да се одржи на 10 или 11 април, е еден од заклучоците на средбата во понеделникот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи, на којашто не присуствуваше претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пренесе МИА повикувајќи се на парламентарни изводи.

Враќањето на опозицијата во работата на парламентот беше најавено доцна во неделата ноќта од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состаноците на највисоките партиски органи, но како што посочи и самиот тој и во понеделникот од пратеничката група, опозициските пратеници ќе се вратат во собраниските клупи само со една точка, а тоа е интерпелацијата на Владата.

„Оваа влада е најнеспособна од независноста на Македонија. Криминалот и корупцијата станаа заштитен белег на оваа Влада и мора да си одат. На надворешен план водат штетна политика без резултати, а на внатрешен план политика без концепт и сериозна идеја“, рече вчера Мицкоски.

Очекувањата се дека деновиве ВМРО-ДПМНЕ ќе го изготви предлогот, но не се знае кога ќе биде доставен до архивата на парламентот. Седницата треба да биде закажана најдоцна во рок од три дена по поднесувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, велат дека нивните очекувања се дека седницата за недоверба на Владата би била по велигденските празници.

Дали ќе учествуваат на седницата со реформските закони, за кои Мицкоски синоќа рече дека речиси се усогласени, оттаму велат дека ќе учествуваат доколку претходно се одржи седницата за интерпелација на Владата. Тоа би значело дека доколку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за интерпелација на Владата пред Велигден седницата да биде закажана на 10-ти април, а веднаш потоа на 11-ти април да биде закажана седницата за реформските закони. Од владејачкото мнозинство, пак,
дека сакаат овие закони да бидат донесени до 13-ти април, пред Извештајот за напредокот за земјата на 17-ти април.