
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски денеска не успеа да ги најде виновниците за спорните песни објавени во збирката за млади поети. На прашањата испратени од нашата редакција во утринските часови, со кои бараме одговор дали е спроведена тендерска постапка за објавување на збирката, кој ја водел постапката, кој ја донесол одлуката да се издаде воопшто, дали имало одговорна комисија за целата постапка, која е фирмата која го добила тендерот, го добивме истиот одговор од претходниот ден, и тоа доцна попладне околу 16 часот.
– Денес имав разговор со претседателот на Комисијата, кој ме извести дека тие не биле свесни дека требало да прават селекција и да отфрлат песни.
По однос на содржината тие сметаат дека секој има право на слободна мисла и изразување, Јас имам поинаков став. Слободата на говор е неприкосновена, но се додека таа не се претвора во говор на омраза и дискриминација. Ние мораме да се бориме проти овие појави и ќе го правиме тоа. Овој случај е аларм за нас како институција, а јас како директор на Агенцијата за млади и спорт чувствувам морална одговорност за настанатата грешка и се извинувам на јавноста поради тоа.
Во исто време, имам одговорност да направам се што е можно, да го истражам случајот до крај и да не дозволам да се повтори. Ве уверувам дека ова ќе биде пример за професионална реакција на институција која по грешка издала несоодветна содржина – се вели во писменото образложение од Одделението за односи со јавност на агенцијата испратено до редакцијата.
Во меѓувреме премиерот Заев не гледа вина во директорот Каевски по скандалот со песните во кои изобилува сексизам и национализам.Според него тој е квалитетен кадар и не треба да биде разрешен.
По вчерашните одделни реакции на членовите на комисијата која го правела изборот на песни за наградување, денеска тие преку заедничко соопштение се оградија од нападите на директорот Каевски.
– Комисијата немаше обврска да прави селекција на пристигнатите песни за книгата, а со оглед на тоа што од песните што ни беа дадени на разгледување, некаде околу 80, се објавени само 44 песни, значи дека сепак некој направил селекција. Притоа, никој од нас не беше консултиран кои песни да влезат во изборот за книгата, а кои не – пишува во соопштението на тричлената жири комисија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара одговорност од првиот човек на Агенцијата.
Дополнителен скандал во јавноста предизвика авторството на спорните песни. Потпишаниот Даниел Пиљаковски уште вчера тврдеше дека неговиот ментор по математика Александар Блажевски е авторот на песните кој во негово име се пријавил на конкурсот.
41 годишниот професор потврди дека ги напишал песните и дека само сакал тие да излезат во јавност. Тврди дека самиот е жртва на дискриминација.
За професорот по право Тони Дескоски, ова е кривично дело. Тој на социјалните мрежи напиша:
– Тоа е исто како да менторираш некого за докторат, под мое име, затоа што Јас сум акредитиран а ти не си. Се надевам дека Јавното обвинителство следи вести – напиша Дескоски.
Книгата „Збирка поезија“ ја разбранува јавноста поради песните Партиски вработена и Моите соседи.
–