
Поранешниот премиер Никола Груевски, како и екс министерот за транспорт, Миле Јанакиески заедно со пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица денеска пред Судот рекоа дека не се виновни за насилството во Центар, предмет на СЈО познат и како „Шамари во Центар“. Изјаснувањето за вина се случи на денешното рочиште во Кривичниот суд откако по Нова година предметот доби нов судија и почна од почеток.
Груевски во изјавата пред судскиот совет рече дека го разбира обвинението и за што е обвинет, но дека не се чуствува виновен. Во судницата беше и поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски одговараше на прашање на одбраната. Следното рочиште е закажано за 19 април, кога треба да бидат испрашани уште двајца сведоци.
Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи рече дека на минатото рочиште побарале притвор за еден од обвинетите, но тоа било одбиено од Судот со образложение дека донел лекарска потврда.
Таа рече дека СЈО побарало од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да направи вонреден инспекциски надзор во приватната клиника со цел да провери дали обвинетиот Милан Андоновски навистина бил на боледување или станува збор документ што клиниката го издавала за тој да ги избегне судењата за случајот на СЈО. Поради согледани недостатоци, инициран е вонреден стручен надзор преку Лекарската комора и службите што контролираат боледувања во Фондот за здравствено осигурување.
Според Фетаи, приватната клиника, од каде што Андоновски вадел оправдувања, имала направено пропусти, односно при вадење на извештајот тие не ги направиле стандардните лабараториски анализи за да го поткрепат боледувањето.
Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, тврди дека боледувањата се наменски вадени пред рочиштата, а против лекарите најави поведување постапка. Во меѓувреме тие побараа притвор за обвинетиот Андоновски со цел обезбедување на присуство.
На денешното рочиште на барање на новинарите до судијата Душан Јосифов да биде погласен бидејќи не се слуша во задните редови, тој рече дека е битно да слушнат инволвираните во процесот, а јавноста колку слушне толку.
На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.
Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.