Новата Австриска влада планира да им забрани на девојчиња во основните училишта и градинките да носат муслиманска марама – хиџаб, што ќе биде дополнение на постоечката забрана за носење бурка што ја покрива главата и телото.
Владата на канцеларот Себастијан Курц, која е составена од неговата централно-десничарска партија и националистичката Партија на слободата (ФПО), се надева дека до крајот на летото ќе го заврши предлогот „законот за заштита на детето“, наведе новинската агенција АПА.
Вицеканцеларот и лидер на ФПО, Хајнц Кристијан Штрахе, рече дека „тие не сакаат паралелни општества“.
За сега не е јасно колку деца би можеле да бидат опфатени со забраната.
Министерот за образование на Австрија Хајнц Фасман ја нарече новата мерка „симболичен чин“ и додаде дека Австрија е секуларна држава.
И Австриската народна партија (ОВП) на Курц и таа на Штрахе ФПО, нејзиниот нов партнер во владата, зборуваа за потребата од соочување со радикалниот ислам.
Претходната коалициска влада која ја чинеа ОВП и социјалдемократите, минатата година забрани да се носат бурки во судовите, училиштата и другите „јавни места“, додека на полицајките, судијките и обвинителките им е забрането да носат шамии – хиџаб, што актуелната власт сака да го прошири и на девојчињата.