Сметката на Клиниката за гинекологија и акушерство ќе биде одблокирана со средства што Фондот за здравствено осигурување ги обезбедил за клиниката како аванс, објасни министерот за здравство Венко Филипче.
Изутрината имале состанок со директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и проблемот веќе е решен. Авансот е во висина колкава што е сумата за блокираната сметка, но, како што посочи, не станува збор за средства кои се скратени од некаде туку, за дополнителна сума пари.
Ќе се обезбеди дополнитена сума пари во форма на аванс. Таа сума ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија во текот на денешниот ден или евентуално заради близината на празниците во текот на наредната недела во вторник. Проблемот е решен и сметката ќе биде ослободена за нормално функционирање на клиниката – рече Филипче пред денешната конференција за за унапредување на услугите во социјалната дејност и јавното здравство.
Тој не очекува наскоро да дојде до ново блокирање на сметката на клиниката, иако има уште постапки кои се водат за истата проблематика заради која сметката на Гинекологија беше блокирана.
Вели дека работата и нормалното функционирање на клиниката не се загрозени, ниту платите на вработените.
Сметката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство неколку дена беше блокрана поради достасани барања за исплата на извршни судски решенија.