
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден- Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Овој празник е спој на верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.
Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Претседателот Ѓорге Иванов заедно со сопругата Маја Иванова и синот Иван, по повод големиот христијански празник Велигден, присуствуваше на Свечената Воскресна литургија во црквата „Света Петка Преподобна“ во Кавадарци.
Премиерот Зоран Заев, пак, присуствуваше на Полноќната Велигденска литургија во храмот „Свети Димитриј Мироточив и Свети Григориј Палама“ во Струмица.
Синоќа голем број граѓани се собраа пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје каде ја слушнаа веста за воскреснувањето на Исус Христос. Заедно со народот пред Соборниот храм беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.