
Пилотот на „Ферари“, Себастијан Фетел е победник на втората трка сезонава од Формула 1, откако успеа да ја задржи пол позицијата и да триумфира за голема награда на Бахреин.
Германецот извозе одлична тактичка трка и дојде до втора победа по онаа во Мелбурн, Австралија. Цела трка Фетел се бранеше од притисокот на пилотите на „Мерцедес“, Валтери Ботас и Луис Хамилтон, но остана на врвот. Највозбудливи беа нападите на дуото на „Мерцедес“ во последниот круг, но возачот на „Ферари“ успеа прв да влезе во целта.
Финецот Ботас на стартот го мина вториот пилот на „Ферари“, Кими Раиконен на второто место. Стартот беше кобен за „Ред бул“ откако Даниеле Рикиардо се откажа во вториот круг поради проблем со болидот, а неговиот тимски колега Макс Ферстапен при еден допир со Хамилтон ја дупната гумата, губејќи ги шансите за добар пласман на оваа трка.
https://youtu.be/L0PBKvAxBVg
Највозбудлив момент дефинитивно беше инцидентот од 36. круг, кога Кими Раиконен при обид да излезе од пит-стоп направи сериозен инцидент прегазувајќи еден од механичарите на Ферари. Засега не се знае каква е неговата состојба, иако се шпекулира дека механичарот има скршена нога.
Не само што Раиконен не можеше да ја продолжи трката, туку и придонесе „Ферари“ да се сврти кон „план Б“, како што му соопштија од италијанскиот тим на Фетел. Ова значеше дека Германецот нема по вторпат да влегува во „бокс“, туку ќе мора до самиот крај да се грижи за гумите што ги имаше во тој момент.
Места на подиумот освоија Ботас и Хамилтон, а Пјер Гасли од „Торо Росо“ го освои четвртото место. Петтото место му припадна на Кевин Магнусен од „ХАСС“, а по него следеа Нико Хулкенберг со „Рено“, Фернандо Алонсо и Штофел Вандорн со „Хонда“, Маркус Ериксон на „Заубер“ и Естебан Окон со болид на „Индија Форс“.
За Себастијан Фетел ова е 49 победа во 200 старта во кариерата. Наредната трка на календарот во Ф1 е во Кина и е закажана на 15 април на патеката во Шангај.
Огромна е радоста и меѓу фановите на Ферари, со оглед на фактот дека ова е првпат по 2004 година италијанскиот тим да ја стартува сезоната со две победи.