
Возачот на „ЛЦР Хонда“, Кал Крачлоу е победник на трката во Аргентина, која ја одбележа ретко виден хаос дури и за трките од Мото ГП шампионатот. Во втората овосезонска трка Брританецот во драматичен финиш ја доби битката со Французинот Жоан Зарко од „Монстерс Јамаха“.
Неизвесноста во Аргентина почна за време на квалификациите во кои Австралиецот Џек Милер на „Дукати Алма Прамак“ на големо изненадување стигна до пол-позиција откако реши да ризикува и да вози со гуми на суво на патека која не беше целосно сува.
Австралиецот со истиот рецепт пристапи и на трката. Тој беше единствениот кој со гуми за суво се појави на гридот, додека сите други излегоа со гуми за влажна подлога.
Кога другите увидоа дека патеката е доволно сува, ги променија гумите. За ваков потег обично следува казна и старт од бокс, но бидејќи промена направија сите, организаторот на трката најде некое соломонско решение и ги казни сите со 20 стартни места, што и не е некоја голема казна.
Милер беше сам во првиот ред, неколку реда зад него сите останати, но тоа не беше единствениот проблем. Кога трката требаше да почне, изгасна моторот на Марк Маркез на „Репсол Хонда“. Шпанецот требаше да биде преселен во боксот или да биде вратен на опашката, но откако успеа одново да го стартува моторот, си ја врати позицијата, за што подоцна доби казна.
Маркез беше далеку побрз од сите и лесно напредуваше, но во неколку наврати се прецени, особено при обидот да го претекне Валентино Роси. Шампионот се заби во „Докторот“ и го исфрли од трка, за што доби нова казна и остана без бодови.
Во целиот овој хаос, најдобро се снајде Крачлоу, кој до последен свиок водеше битка со Зарко и на крајот забележа голема победа. Последното место на подиумот му припадна на Алекс Ринс, додека пак Џек Милер заврши како четврти. На петтата позиција заврши Шпанецот, Маверик Вињалес, клупски колега на Роси во „Мувистар Јамаха“.
Крачлоу е прв со 38 поени, пред Андреа Довициозо, возач на „Дукати рејсинг“, кој денеска заврши како шести, со 35 поени, а зад нив е Зарко со 25 поени.