„Будуќност“ ја изненади „Црвена Звезда“ во Белград

Екипата на „Будуќност“ изненади и направи „брејк“ на отворањето на финалната серија од АБА лигата откако вчера во Белград ја совлада „Црвена Звезда“ 76:80, за која не настапи нашиот кошаркар Перо Антиќ. Црногорците ќе мора да победат уште два пати ако сакаат да бидат шампиони. Наредниот меч се игра денеска, исто така во Белград, а третиот меч во петок во Подгорица.

Црногорскиот тим воден од поранешниот македонски селектор, Александар Џикиќ одигра одлични десет минути во третиот период и го сврте резултатот во своја полза.
Најдобри кај „Будуќност“ беа Ивановиќ со 20 и Гордиќ со 18 поени, додека кај „Звезда“ Омиќ постигна 13 поени, а Тејлор Рочести заврши со дабл-дабл учинок од 13 поени и 10 скока.

Двата тима беа изедначени триесетина минути, а потоа „Будуќност“ погоди две тројки и почна да го трасира патот кон победата. На минута пред крајот на третиот период, на семафорот во Белград стоеше 57:57, а две брзи тројки постигнаа Поповиќ и Ивановиќ, за предност на гостинот од 57:63. „Будуќност“ имаше предност и од 61:71, но промашените слободни фрлања беа клучни за поразот на домаќините.

Тренерот на белграѓаните, Душан Алимпиевиќ призна дека не биле на најдобро ниво, но и дека „Будуќност“ добил ветер во грбот од судиите кога тоа им било најпотребно. „Звезда“ во третата четвртина имаше максимална предност од 47:39, но за тренерот на „црвено-белите“ е спорна техничката грешка која му беше досудена при резултатот 49:44. Тогаш гостите од еден напад постигнаа четири поени и фатија залет кон победата.