Кривична за поранешниот директор на Агенцијата за вработување

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Според МВР, Поповски, како вршител на должност- директор на Агенцијата за вработување во текот на 2016 година спротивно на Законот за јавни набавки, без спроведена законска постапка, избрал фирма од Скопје за санација на објект. На тој начин овозможил фирмата противправно да се стекне со имотна корист од 416.304 денари и за таа сума го оштетил државниот буџет.

Исто така, пријавениот во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила сопственост на Агенцијата за вработување и без одобрување од Управниот одбор, на 28.10.2015 година склучил Договор за меѓусебна техничка соработка со Министерството за труд и социјална политика при имплементација на активни програми и мерки за вработување. По основ на тој договор, на Министерството за труд и социјална политика му отстапил на користење четири возила сопственост на Агенцијата за вработување. За отстапените возила, В.П. дал на користење и картички за гориво со одреден лимит за две бензински пумпи, велат од МВР.

Според полицијата, за да овозможи користење на картичките за гориво , пријавениот издал и дупли идентификациони картички на име на лицата вработени како возачи во Агенцијата за вработување, a без нивно знаење. Со користење на картички за гориво, во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, било полнето гориво во вкупен износ од 427.817 денари на штета на буџетот на Република Македонија
Со ваквите дејствија, В.П. го оштетил буџетот за вкупен износ од 844.121 денари или 13.725 евра.