
Директорот на „Повардарие“ заедно со тројца вработени во фирмата се осомничени за фалсификување и за шверц на алкохол, информираше МВР.
Полицијата до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против српскиот државјанин, Б.Б. (57), управител и генерален директор на винарската визба „Повардарие“, В.К. (58) од Кавадарци, управител на „АНГО ВЕС“ Кавадарци и вработен во „Повардарие“, П.К (37) од Кавадарци, вработен во „Повардарие“ и Т.Б.(60) од Неготино, исто така вработен во винарската визба. Сите се осомничени за фалсификување службена исправа, злоупотреба на службена положба и овластување како и недозволена трговија со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра односно стоки.
Пријавените физички лица заедно со двете фирми во периодот од 29.09.2017 до 09.01.2018 година пуштиле во акцизно правен слободен промет алкохолни пијалоци и алкохолен суров дестилат. Тие од евиденцијата на винарска визба „Повардарие“ избришале 2.655 шишиња од еден литар 40 процентна „Стара жолта“ лозова ракија без бандерола, 2.236 шишиња од 0.7 литри 40 постотна “Стара жолта“ лозова ракија без бандерола, потоа 4.606 шишиња од 0.7 литри 48 постотна “Стара жолта“ ракија без бандерола без етикета. Истовремено, Т.Б. изготвил и потпишал исправа во која лажно прикажал дека се истура флаширана ракија во цистерна. Со оваа дејствие му било овозможено на В.К. со товарно возило во два наврати да ја пренесе наведената ракија од „Повардарие“ во неговата приватна фирма “АНГО ВЕС“ во Кавадарци, и потоа ја пуштил во акцизно правен слободен промет. На тој начин пријавените го оштетиле буџетот за 30.526.889 денари, велат од МВР.
Со наредба на Основниот суд Кавадарци бил извршен претрес во фирмата „АНГО ВЕС“ каде што била пронајдена и одземена ракијата. Исто така, по наредба на Основен суд Неготино бил извршен и претрес во винарска визба „Повардарие“ – Неготино и биле пронајдени 1.951 шишиња ракија – без бандероли. Ракијата е одземена, а при претресот одземени се и осум фактури без потпис во количина од 197.131 литар за извршена продажба на суров дестилат од винарска визба „Повардарие“ до фирмата – винарска визба – „Валандово“ од Валандово.