
Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара призна дека незаконски го поседувал оружјето кое го вперил кон поранешниот министерот за здравство Никола Тодоров, но негира дека пукал намерно. Тој во Основниот уд Скопје 1 беше прогласен за виновен за недозволено држење на оружје. За тоа дело доби условна казна затвор од 2 години, кои нема да ги одлежи доколку во наредните 5 години не стори кривично дело.
Бидејќи Стојановски не призна вина за обидот за убиство, за ова дело почна одвоен судски процес.
Според адвокатката на Стојановски, Павлина Зефиќ, тие во текот на судскиот процес ќе се обидат да докажат дека пиштолот испукал кога некој од присутните му ја турнал раката на Стојановски.
Таа во воведниот говор рече дека дедото на Тамара немал намера да пука кон екс министерот, туку целта била да го искористи настанот- примопредавање на функцијата во Министерството во здравство, на кој знаел дека ќе има и медиуми, и да испрати порака до државните власти дека треба да обезбедат услови за живот на сите болни деца.
Не станува збор за обид за убиство како што го претставува обвинителството, туку само за заплашување за да не се случуваат повеќе смртни случаи како Тамара, рекла Зефиќ.
Тодоров пред судот кажа дека го забележал Стојановски кога се качувал по скалите во Министерството за здравство.
Кога стасав до последната скала, обвинетиот ми се доближи, го впери пиштолот на 30 сантиметри од мојата глава и испука без предупредување- рекол Тодоров на сведочењето, а пренесе Телма.