Полицаец фатен како продава марихуана

Кочанската полиција уапсила нивен колега кој бил фатен како продава марихуана. Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за спроведување на истражна постапка против полициски службеник кому му се става на товар дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Врз основа на претходни сознанија и примена на посебни истражни мерки, на 11 овој месец во Кочани по наредба на јавен обвинител од страна на МВР е спроведена акција во која е фатен полициски службеник при продажба на 26,2 грама марихуана. Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кочани и во текот на вчерашниот ден е изведен пред Судија на претходна постапка, велат од Обвинителството.

Имајќи ги во предвид околностите, тежината на кривичното дело и запретената казна од три до десет години затвор, надлежниот јавен обвинител оцени дека се исполнети условите за определување на мерка притвор. Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Кочани во текот на вчерашниот ден, јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор, кој е прифатен и со решение на осомничениот му е изречен притвор во траење од 30 дена.​

Од МВР информираа дека поднеле кривична пријава против О.А. (36), полициски службеник од Кочани, којод февруари до април годинава, во два наврати, на И.Р. од Кочани, за сума од 11.000 денари му продал околу 80 грама марихуана.

Дилерот бил фатен во близина на градскиот плоштад во Кочани, во момент кога вршел продажба на марихуаната. При претрес кај пријавениот била пронајдена поголема сума на пари, а марихуаната која е предмет на купопродажбата била одземена од И.Р..