Вардар со убедлива победа и пласман во финалето од СЕХА

Вардар ја покажа силата против Мешков Брест, без никакви проблеми, убедливо го совлада противникот со 33:24 и се пласираше во финалето од СЕХА лигата каде ќе го брани тронот.

Шампионот шампионски го почна завршниот турнир од СЕХА лигата кој оваа сезона се игра во салата „Јане Сандански“ во Скопје. Вардар одигра меч на високо ниво и противникот очекувано немаше шанси.

Натпреварот беше изедначен само во првите шест минути кога резултатот беше 3-3. Потоа со серија од 5-0 македонскиот шампион се одлепи на 8-3. На одморот се замина со предност од 17:13.

Во вториот дел иста слика, Вардар доминираше и го зголемуваше водството, Мешков Брест се обидуваше колку што може да парира но тешко му одеше. На кајот македонскиот тим победи со 33:24.

Најефикасен во составот на Вардар беше Лука Циндриќ со шест голови, по четири реализираа Карачиќ, Борозан, Шишкарев и Чупиќ. Фантастична партија на голот имаше Арпад Штербик кој запиша 20 одбрани. Во тимот на Мешков убедливо најдобар беше Максим Баранау со девет голови.

Во финалето Вардар ќе игра со подобриот од Загреб и Целје, меч кој се игра вечерва со почеток од 20:15 часот.