Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја исклучи можноста за учество на Германија во воените напади на Сирија. Германија, според нејзините зборови, нема да учествува во акциите против Сирија.
Таа, при посетата на данскиот премиер Ларс Локе Расмусен, нагласи дека Германија ќе поддржи и ќе направи се како би се упатил сигнал дека е неприфатливо користење на хемиско оружје.
Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас во Даблин истакна дека до сега ниту САД, ниту Велика Британија, не побарале учество на Германија во нападите.
-Ние сме во близок контакт со нашите партнери. Мислам дека во тој конфликт западните партнери треба да останат блиски, подвлече тој.
Мас рече дека е „исклучително депримирачки“ што Советот за безбедност при ОН веќе 14 пати се обидел да усвои резолуција во врска со Сирија, кои се одбиени со руско вето.