Сензационална победа на Стефановски во Франција

Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе извојува сензационална победа на првата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки. Тој ја шокира комлетната европска елита во групата Н и оствари најдобри времиња на патеката во Сент Жан ду Гард во Франција. Овој триумф му донесе максимални 25 бода во генералниот пласман во Европскиот шампионат.

Популарниот Иџе со автомобилот „Мицибуши лансер ЕВО IX“ беше за класа подобар од конкуренцијата и во ниеден момент не дозволи никаква неизвесност во неговата група Н. Во двете возења Стефановски беше константен и патеката ја мина за 3:02.136 и 3:02.495 минути. Негов најголем конкурент беше Чехот Јиржи Лос, кој не успеа да се спушти под 3:04 минути и постигна времиња од 3:04.224 и 3:04.846 минути. Третото место во оваа група го освои неговиот сонародник, Оскар Бенеш.

„Презадоволен сум од се, и од резултатот и од автомобилот и од екипата. Потајно очекувавме и се надевавме на успех, но ова е веќе реалност. Не само ние, туку сите се изненадени од нашиот резултат. Кога се искачував на подиумот добив најголем аплауз од сите победници по групи и категории. Дури и организаторите искрено и срдечно ми честитаа. Беа фрапирани колкав пат сме поминале за да учествуваме и згора на се, да успееме да ја победиме елитата која редовно им гостува и чии квалитети добро ги познаваат“ – вели Стефановски.

Иџе сензацијата ја најави уште во саботата кога на првиот тренинг постигна најдобро време, пред Хрватот Томислав Мухвиќ и Лос. На вториот тренинг најбрз беше Лос пред Мухвиќ и Стефановски, но разликата помеѓу тројцата беше само 0,2 секунди. Работата на Стефановски му ја олесни откажувањето на актуелниот европски шампион Мухвиќ кој поради дефект на возилото не стартуваше на неделната трка.
„ Патеката беше многу брза и опасна. Имаше голем број инциденти и излетувања, поради што и трката траеше долго и имаше големи паузи. Сето тоа го нарушува ритамот и значително влијае врз секој возач. Ме импресионираше организацијата, навистина е посебно задоволство да се возат трки од Европскиот шампионат каде што стандардите на организација и подготовка на патеката се навистина импресивни. Многу сум задоволен од автомобилот, се функционираше перфектно, немавме апсолутно никаков проблем“ – додаде Иџе.