Јункер: Преговорите со Македонија и Албанија нема да почнат утре и ќе траат долго

Одлуката на Европската комисија да предложи Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за приклучување кон Европската унија не значи дека овие преговори ќе почнат уште утре, изјави во средата во Европскиот парламент во Стразбур, ден по претставувањето на годишните извештаи за напредокот на земјите кандидатки, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер

„Прво, неопходно е одобрението од Европскиот совет, односно во следните шест месеци ќе го дознаеме ставот и на Советот на ЕУ“, посочи Јункер.

Појасни дека нема рок за завршување на преговорите, како и дека ќе бидат оценувани постигнувањата на соодветните земји.

„Земјите од Западен Балкан имаат потреба од европска перспектива за да не се повторат настаните од 1990-те години на минатиот век. Ги повикувам овие земји да го одбележат неопходниот напредок, овој процес ќе одземе многу време“, дополни претседателот на ЕК.