Во текот на антитерористичката операција во кавкаската руска република Дагестан, „неутрализирани“ се девет припадници на милитнанта исламистичка групација којашто се подготвувала за изведување терористички напади во текот на мајските празници, соопшти во саботата Националниот антитерористички комитет (НАК).
Според Комитетот, двете групи бандити, како што руските власти ги опишуваат исламистичките бунтовници во кавкаските републики, биле откриени во различни делови на местото Дербент, во текот на пребарување на теренот. Милитантите одбиле да се предадат и започнале престрелка со специјалците, во текот на којашто биле ликвидирани.
Властите засега не го соопштија идентитетот на ликвидираните, само истакнаа дека според оперативни сознанија, тие се подготвувале да изведат терористички напади во текот на мајските празници. Се додава, исто така, дека нема настрадани меѓу цивилното население, како и дека полесно бил повреден еден припадник на безбедносните сили.
Антитерористичката операција била спроведена на територијата на округот Дербент и во градот Дербент со одлука на началникот на регионалната на Федералната служба за безбедност (ФСБ).