Делев: Пријавите се хајка против поранешни политичари на ВМРО ДПМНЕ

 

Денешната пријава е продолжение на политичката хајка против поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ. Ова е еклатантен пример за непознавање на правото и злоупотреба на институциите од страна на СДСМ, рече Христијан Делев, оранешен Заменик министер за економија

Според него наместо власта да се занимава со вистински криминал заедно со  МВР креираат лажни предмети и лажни сценарија без никакви аргументи или докази.

Целта на СДСМ е да ги замолчи сите слободоумни граѓани кои не се согласуваат со нивната политика или се против промената на уставното име, уставот и идентитетот на граѓаните на Република Македонија.  Ова пријава доаѓа само 48 часа после мојата изјава за ББЦ против промената на уставното име, идентитет. Во истото интервју претседателот на Владата кажува дека името треба да се промени и дека граѓаните му дале мандат бидејки се за влаз во ЕУ и НАТО -вели тој.

Делев објаснува дека целата постапка е спроведена согласно закон. Од страна на Владата на РМ уште во 2014 била формирана работа група со цел да најде решие за еден од најголемите проблеми кој се провлекува 18 години во државата.

Штетите од него се стотици милиони евра, а целата постапка беше класифицирана во категорија државна тајна. Владата ангажираше меѓународни и домашни адвокати кои требаше да помогнат да се најде соодветно решение. На затворена седница на влада во неколку наврати се дискутираше за понуденото решение. Наместо владата на СДС да продолжи со имплементација на концептот и да спречи идните генерации да плаќаат за грешките од минатото, се отвара кривична постапка против луѓето кои барале решение.

Според него веќе кружат информации дека овој предмет ќе биде и дел од мерките за градење на доверба со Грција и еден од 40-те услови со кој дојде грчкиот Министер за надворешни работи.

Секторот за внатрешни работи Скопје, односно Единицата за економски и компјутерски криминал, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и поранешниот заменик министер Христијан Делев поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, со што е нанесена штета на буџетот на РМ во висина од 1.352.400 денари.

Министерството за внатрешни работи информира дека според документираните сознанија на извршување на кривичното дело, во текот на 2016 година, му претходело склучување на авторски договор помеѓу Г.Д., застапуван од Агенцијата за интелектуална сопственост АРТПИЦК Скопје и Владата на Република Македонија, во тоа време застапувана од Божиновски, тогашен генерален секретар на Владата на РМ.

Со тој договор Г.Д., на барање на Владата – Генерален секретеријат, се обврзал во периодот од 28 јнауари до 28 февруари 2016 година, лично да изработи и достави авторско дело „Интелектуален труд – прибирање на информации и податоци, анализа, изготвување извештај и негово елаборирање за енергетски суровини од аспект на правната легислатива“.

Вредноста на склучениот договор била проценета со бруто износ од 1.352.400 денари, буџетски средства кои требале да му се исплатат на Г.Д. откако во предвидениот рок ќе го достави авторското дело до нарачателот – Влада на Република Македонија, Генерален секретеријат.

Второпријавениот Делев во својство на заменик на министерот за економија, иако знаел дека Г.Д. не ги испочитувал договорените услови и рокови и не го доставил авторското дело за кое бил склучен договор, на 5 април 2017 година потпишал лажна изјава за завршена работа согласно барањата и договорните услови. Божиновски во својство на генерален секретар на Владата потпишал и издал наредба од буџетската сметка на Република Македонија на сметката на Г.Д. да се исплатат парични средства во вкупен износ од 1.200.000 денари без ДДВ со што на лицето му овозможиле противправна имотна корист и на тој начин го оштетиле Буџетот на Република Македонија за паричен износ од 1.352.400 денари.