Опозицијата демонстративно во петокот ја напушти комисиската расправа за законот за енергетика на која пратениците требаше да дискутираат за оправданоста за негово носење.
Обвинија дека законот се носи за лични бизнис интереси на високи владини функционери и оти некои членови во предлог-законот се спротивни со европската регулатива. Во знак на солидарност со заканите за кои обвини Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал, а ѝ ги упатил вицепремиерот Кочо Анѓушев, опозицијата побара од владините функционери да престанат да се закануваат и да вршат цензура во јавноста.
„Во знак на протест и солидарност со лицата на коишто се упатени овие закани ја напуштаме оваа комисија и бараме од високите владини функционери да понесат морална, етичка и политичка одговорност“, рече Драган Цуклев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Вицепремиерот Анѓушев кој дојде на самиот крај на седницата, им порача на пратениците од опозицијата, да зборувале со аргументи.
„Немам потреба во животот на никому да му се заканувам, мислам дека сензационализам не е потребен, да – имав разговор со госпоѓата Тасева, немав намера да имав негативна дискусија, ниту, пак, посебно да се заканувам. Јас само прашав дали е во ред да институција како што е Трансапренси Интернешнал којашто ја ценам како реномирана институција и неа како претставник, да спомнуваат имиња на личности без од нив да побараат мислење“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер
Инаку, според Анѓушев, Законот за енергетика бил во согласност со европските правила со што се согласи и министерсот за економија Крешник Бектеши. Законот предвидува целосна либерализација на пазарот на електрична енергија, односно секој потрошувач ќе има право да си избере снабдувач со струја. Сепак, се предвидува да има и еден ткн универзален снабдувач кој би испорачувал струја до сите домаќинства кои нема да се решат да одберат некој од понудените фирми.