
Околу 10.000 лица се собраа во Москва во знак на протест поради неодамнешните ограничувања на слободата на интернет во Русија, јави новинската агенција „АП“.
Демонстрантите излегле на улиците во центарот на Москва носејќи транспаренти со натписи „За слободата на говорот“ и „Доле царот“, наведе агенцијата.
Иако слоганите биле фокусирани на обидите за блокирање на мрежата за испраќање пораки преку „Телеграм“, агенцијата наведува дека голем дел од говорниците на сцената го обвиниле рускиот претседател, Владимир Путин, дека го охрабрува ограничувањето на слободата на интернетот, а на собирот говорел и лидерот на опозицијата, Алексеј Навални.
Основачот на „Телеграм“, рускиот бизнисмен Павел Дуров, напиша дека денешниот собир е без преседан и оти е горд што е роден во истата земја со демонстрантите.
Руските власти месецов започнаа да ја блокираат популарната апликација за испраќање пораки поради одбивање на администраторите на апликацијата (поради заштита на приватноста) да им предадат на властите „клучеви“ за дешифрирање на податоците.
Компанијата во чијашто сопственост е „Телеграм“ најави дека ја одржува апликацијата и покрај забраната од страна на руските власти.
Во обид да ја стопираат функцијата на „Телеграм“, руските власти за надзор на комуникациите месецов блокираа неколку сервери во сопственост на технолошките гиганти „Гугл“ и „Амазон“, загрозувајќи милиони руски веб-сајтови, наведува агенцијата.