Висок функционер на ДУИ го отвара најголемото казино во Тетово

Тетово во петок ќе биде блокирано со масовен протест на кој се очекува 50.000 демонстранти да го изразат своето незадоволство од Владата и општина Тетово, незадоволни од одлуката да се изгради големо казино во Мала Речица, пренесува порталот на албански јазик „Америка Радио“.

Според порталот, најголемото казино во Тетово за многу брзо време ќе биде отворено, а истото ќе биде лоцирано во близина на Средното медицинско училиште и Тетовскиот универзитет. Казиното ќе биде раководено од еден Македонец и еден Албанец од Тетово.

Како што дознаваат од „Америка Радио“, Албанецот е висок функционер на ДУИ од Тетово, кој е познат како финансиер на оваа партија и близок на лидерот, Али Ахмети.

Казиното ќе биде најголемото во Полошкиот регион, а 36-то по број, само во Тетово.

Според порталот, целта на отворање на казиното е „перење пари“ од различни бизнисмени и политичари, кои сакаат да ги легализираат своите пари добиени од тендери, проституција и други незаконски дела.

Од „Америка Радио“ велат дека владејачката партија ДУИ досега не реагираше на појавата на масовното отворање на казина во Тетово, а без реакција останаа граѓанскиот сектор и верската заедница.

Сепак, вознемирените тетовци најавија масовен протест кој треба да се одржи во петок во Тетово, со единствена цел да се спречи отворањето на ова, но и на други казина бидејќи ги уништуваат албанските семејства и деца.

Неофицијално, се дознава дека професори, студенти, љубители на спортот, културата и уметноста, како и проповедници на исламската религија ќе мобилизираат над 50.000 граѓани за да го блокираат функционирањето на овие казина.