
Десетици илјади граѓани на Ереван ги блокираа улиците во главниот град во Ерменија по повикот за граѓанска непослушност од водачот на опозицијата, Никол Пашинијан, кој не беше избран за премиер, вчера на сшпецијалната седница на Собранието.
Демонстрантите ги блокираа повеќето главни улици во Ереван, патиштата на влезот во градот и главниот пат кон аеродромот. Агенцијата АФП известува дека многу продавници се затворени.
Националното собрание на Ерменија во вторникот одржа посебна седница за назначување премиер, а единствен кандидат беше лидерот на опозицијата, Никол Пашинијан. Меѓутоа, тој не беше избран бидејќи за него гласаа 45 од 105 пратеници, осум помалку од потребните 53, поради што тој најави генерален штрајк за среда.
Пашинијан ги повика своите поддржувачи да ги блокираат улиците, аеродромите и сè друго и побара полицијата да им се приклучи на протестите. Покрај тоа, додаде дека протестите ќе се претворат во целосна граѓанска непослушност.
Според ерменскиот устав, во случај пратениците да не изберат премиер на првото заседание на парламентот, новата седница се закажува за седум дена. Доколку премиер не биде избран и во вториот обид, парламентот се распушта.
Нова посебна седница е закажана за 8 мај.
Инаку, Ерменија ја тресе политичка криза од 13 април кога опозициските партии организираа протести поради кои премиерот и поранешниот долгогодишен претседател на земјата, Серж Саргсјан, поднесе оставки на 23 април.