Претепани и ограбени двајца Јапонци

Двајца јапонски туристи завршиле во болница, откако биле претепани и ограбени вчера кај Катланово, информираше МВР.

Според полицијата, разбојништвото се случило околу 15 часот на локалниот пат од село Катланово кон село Брезница. Тогаш Ш.К.(54)  и Х.К (48), двајцата од Јапонија, се возеле со велосипеди кога им се приближил автомобил „форд“. Во возилото имало три непознати лица кои излегле од „фордот“ и физички ги нападнале Јапонците. Тие потоа ги турнале од велосипедите и им одзеле 3.000 евра, патни исправи, кредитни картички и еден мобилен телефон „Ајфон“.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.