Поповски ја испофали Владата, а инцидентите со новинарите нерешени

Министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, уште еднаш ја искористи можноста да го истакне концептот на владата за отвореност и транспарентност при нејзиното работење.

Сепак, на денешната прес конференција, новинарите му посочија конкретни примери со кои се разобличува фразата на „одговорна власт“, што државниот врв ја наметна како суштинска реформа, но, што според досегашната активност, се отвораат сомнежи кои упатуваат на само декларативна заложба.

На скандалозното однесување на вице премиерот Кочо Анѓушев, Поповски со оправдување дека на првата грешка не треба да се сатанизира никој, доколку тоа не стане пракса.

Анѓушев пред една недела  упатил закана кон новинар од ТВ 24, само неколку дена откако претседателката на „Транспаренси интернешанл“, Слаѓана Тасева, објави дека Анѓушев, и се заканувал за случајот со „Фени индустри“.

На укажувањето од новинар дека освен транспарентност потребна е и одговорност во овој случај, Поповски, со оправдување дека човечки било да се згреши, но значајно било што дури и премиерот Зоран Заев се извинил за тоа.

 

Начинот на кој била дадена заканата е пренесена во медиумите. Многу е значајно кога било кој функционер ќе повика на разговор, на презентација на факти и аргументи, а особено е значајно ако некј сфати дека згрешил и ќе се поправи понатаму. Премиерот Заев се извини во името на член на Владата, ви значи ли тоа нешто?- посочи Поповски.

Скандалозното однесување на висок државен функционер, Поповски се обиде да го амортизира со пофалби за работата на Владата во однос на медиумската сфера, а не ја изостави споредбата со претходната власт, потенцирајќи дека завршило „децениското владеење со системски напади на слободата на медиумите, новинарите и медиумските работници“.
Сепак, се изоставува фактот што дел од претходната власт која постојано се обвинува за кршење на медиумските слободи, сега повторно е дел од владејачкото мнозинство.

Денеска има гласност наспроти молк, горди сме на тоа. 11 години знаете што се случуваше, сега има друга култура на однесување. Некогаш ќе се случи екцес, но она што е значајно е дека Анѓушев ги повика сите медиуми во неговиот кабинет да разговара за се’ отворено. Клучно е да ги сфатите грешките и да се коригирате. Како што и политичарите треба да се постават на адекватен начин, така и од новинарите барам толеранција и трпение. Грешки се прават, битно е тоа да не е концепт, вели Поповски.

На пресот се постави и прашањето за неажурност и доцнење со одговори на новинарски прашања од министерствата и други државни институции. Поповски се согласи дека е недозволиво да не се даваат брзи информации, пред се’ да се спречат шпекулации и лажни вести, а доцнењето со одговори го „оправда“ со потребата од вработување на дополнително луѓе во секторот за односи со јавност.

А, во прилог на реформите во медиумите, тука е и случајот со заканите кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, од брат на функционер на ДУИ, која е коалиционен партнер на владејачката СДСМ. Случајот во моментот е во рацете на Обвинителството.

Во листата на новите „правила на игра“ во медиумите, се спомена и примерот кога на новинар не му беше дозволено да постави прашање на заедничка прес-конференција на Никола Димитров и  Никос Коѕијас, во Министерството за надрорешни работи.

Во продолжение целосно видео од прес-конференцијата: