Народната банка на Македонија ја задржува проекцијата за раст на БДП за годинава до 3,2 проценти и за наредната година до 3,5 проценти. Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов на денешната прес-конференција изјави дека носечки фактори за растот во 2018 година се извозот, инвестициите и личната потрошувачка. Проекцијата за инфлацијата исто така останува на два проценти.
Оваа констатација се надоврзува на задржаните здрави економски основи, отсуството на нерамнотежи и релативно поволната надворешна позиција, при забавен годишен раст на домашните цени од 1,5% во првиот квартал на 2018 година, поради што Народната банка ја олабави основната каматна стапка намалувајќи ја од 3,25% на 3,00%. Воедно, на денешната седница на Советот беше утврдено и понатамошно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што е видливо преку поволните движења на девизниот пазар, забрзаниот депозитен раст и растот на кредитната активност. Во првото тримесечје на 2018 година, Народната банка интервенира на девизниот пазар со откуп на девизи, девизната позиција на банките се одржуваше на солидно ниво, а девизните резерви остварија раст и се задржаа во сигурната зона. И во текот на целиот период на проекциите, 2018 и 2019 година, показателите за адекватноста на девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, стои во соопштението на централната банка.
Богов рече дека ако не се избере гувернер на НБРМ ќе се блокира работата на оваа значајна институција за стабилноста на економијата.
Сите кои велат дека НБРМ може да функционира без гуверенер или не се добро информирани или, пак, знаат добро во што ја впуштаат македонската економија. Некои одговорности на гувернерот се исклучиво негови, како донесување одлуки за каматни стапки, ликвидност или за банкарскиот сектор и не може да се префрлат на други, оти ги носи само гувернерот. Тоа ќе биде сериозна закана за стабилноста на економијата, рече Богов.
Сепак, како што рече Богов, верува дека ќе се дојде до компромисно решение и ќе се избере гуверенр во законскиот рок, и нема да се заобиколкува Законот за Народна банка.