МАКЕДОНИЈА 2025 во соработка со Сојузот на Стопански Комори на Македонија и Бизнис школата Ричард Ајви од Канада, по седми пат по ред го организира Проектот Лидер. Оваа година интензивните десетдневни тренинзи ќе се одржат од 5 – 16 Мај, секој работен ден од 10 до 14 часот.
Проектот „Лидер“ е проект кој се одржува од 1991 во околу 30 различни земји во светот, и е наменет за претставници на мали и средни претпријатија, како и на претприемачи со развиена бизнис идеја или кои допрва сакаат да развијат.
Програмата и обуките ќе се спроведуваат по начинот на работа на Бизнис школата Ричард Ајви, односно преку интерактивно тимско работење на осум реални примери – Case Studies во чии рамки ќе се обработат теми како што се претприемништво, стратешко одлучување, маркетинг стратегија, услови и техники на финансиско работење, креирање на додадена вредност на бизнис плановите и други.
„Проектот ЛИДЕР претставува обука за сет на технички вештини кои што учесниците може да ги процесираат и применат во нивните секојдневни предизвици или можности во претпријатијата.“ – објаснува Луси Ли, извршен директор на Проектот Лидер за 2013 година. Куртис Артур, фасилитатор на Проектот Лидер за 2013 беше воодушевен од македонските ученици и нивната желба да стекнат нови вештини и знаења. „Извонредна е можноста да дојдеме и да им помогнеме на луѓето да се фокусираат на својата страст и да им помогнеме да успеат. Македонија е прекрасна земја со огромни можности, пазар кој сеуште може да се развива и луѓе кои сакаат да успеат, но истовремено сакаат да придонесат и за успехот на својата земја,“ додава г. Артур.
Дневните модули се состојат од студија на случај, работилница и презентација на резултатите. Секој ден, по завршувањето на модулите се предвидени индивидуални, еден-на-еден консултации за компаниите со обучувачите, во кои фокусот на работење би бил реален аспект од работењето на компанијата за кој е потребно подобрување: бизнис развоен план, разработка на стратегија, маркетинг план, развој на човечки ресурси и др. Минатогодишните учесници се презадоволни од тренинзите и успеале да најдат нивна практична примена во секојдневното работење.
„Прв пат се случува да имаме предавачи и луѓе кои го споделуваат нивното искуство со нас директно и импресиониран сум што ни помогнаа како компанија да ја прошириме нашата визија за експанзија и реорганизација,“ додава Игор Николоски, учесник на Проектот од компанијата IT Logistics.
Отворениот повик за аплицирање за овогодинешниот проект завршува на 18 април. За повеќе детали Ве молиме посетете ги веб страните на МАКЕДОНИЈА2025 или Сојузот на Стопански Комори на Македонија.