Ирачките воздушни сили нападнаа позиции на џихадистите во Сирија

Воздухопловните сили на Ирак извршиле нов напад во Сирија врз командни позиции на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, соопшти во неделата прес-службата на ирачкиот премиер.

Операцијата била спроведена јужно од ед-Дадиш, во покраината ал-Хасака, по наредена на челникот на министерскиот совет на Ирак и врховен командант на вооружените сили, премиерот Хајдер ал-Абади, Се додава дека оваа територија се наоѓа под контрола на опозициските Сириските демократски сили (SDF), коишто ја имаат поддршката од САД.

Претходно седмицава Абади вети дека ирачките воздухопловни сили ќе продолжат со ударите врз позициите и командните места на терористичката групација Исламска држава во соседна Сирија, истакнувајќи дека Багдад нема да се меша во политичките работи на владата во Дамаск.

„Ирак ќе продолжи со воздушните напади во Сирија и ќе стори сѐ за елиминирање на групата Исламска држава. Нема да им дозволиме на милитантите од оваа група, ниту на која и да е друга слична група повеќе да се појават, но тоа не значи дека Ирак се меша во внатрешните работи на Сирија“, изјави Абади во вторникот.

Ирачките власти во неколку наврати истакнаа дека тесно соработуваат со сириската влада во следењето и насочувањето кон терористичките цели врз основа сознанијата на разузнавачките и информативни оддели на Комисиијата за координација на безбедноста формирана пред три години меѓу Багдад, Дамаск, Техеран и Москва со седиште во ирачката престолнина, како и во координација со ткн анти-џихадистичка меѓународна коалиција предводена од САД.