И Бог да чува и Арпад Штербик да брани, не помага

Неодамна објавив една колумна за состојбите во полицијата, која имаше близу три илјади прегледи на самиот портал. Морам да кажам дека таа колумна беше резултат на акумулураното искуство во Полициската академија, долгогодишниот ангажман во МВР, особено во процесот на реформи во полицијата, Државната комисија за спречување на корупцијата и секако на перманентното следење на се она што се случува во структурата на полицијата.

После објавувањето на колумната, сосема случајно се сретнав со еден од советниците на министерот Оливер Спасовски, кој немајќи што да каже, бидејќи целата своја кариера ја премолчи, ми се обрати со прашање – каде си бе експерт?! Го погледнав и едноставно му одбив на глупост, впрочем никогаш и никаде се немам декларирано како експерт, но никој и никогаш не можел да ми забрани гласно да ги презентирам моите видувања и ставови, многу често и на моја штета. Сепак фактот што смогна сила да ми се обрати, ми даде за право да верувам дека темата на колумната за полицијата, била прав погодок.

Инаку станува збор за човек кој не е достоен за разговор, бидејќи тој и не знае да разговара, но затоа знае добро да одмолчи. Не знам каков е на софра и места каде се оговара, подметнува и сплеткари, можеби таму е гласен, особено во присуство на неговиот кум – голем властелин, некои тие таквите ги нарекуваат тајкуни, некои други ги именуваат како олигарси, но како и да го нарекуваат, тој, кумот цел живот го држи своето кумче на значајни позиции во МВР, не затоа што тоа е вредно, не затоа што ги унапредило стандардите на полициското работење или направило нешто значајно за унапредување на полициската мисла, не, едноставно тој мора да е во врвот на МВР, да се најде таму за секој случај, за не дај боже, а што совети ќе дели стварно би сакал да знам.

Премиерот Заев јавно и гласно си побара граѓаните да не го критикуваат него и владиниот кабинет, туку побара и да ги пофалат за сработеното.

Еве, да ги пофалам, секоја чест за ангажманот во Дојран, одлична работа се направи пред почетокот на туристичката сезона, се зачисти, хортикултурно се уреди просторот, заличе, секоја чест, браво!

А за што друго граѓаните да ги пофалат?!

Затоа што еден борец за човекови слободи и права кој се испили од терорист, од типот на Џезаир Шаќири, кој и ден денес себе си си се нарекува командант Хоџа ќе го ангажира за советник за безбедност?! Ако не се лажам, за него од нашата и од српската полиција, беше распишана потерница, а таа српската треба се уште да е активна.

Гледајќи кои се’ непораснати деца се ангажирани за советници, зад кои стои по некој кум властелин, зад некои други стојат партиски големци кои цел живот на јавната сцена гласно молчеле, или пак стои некоја партија која со децении е дел од власта која креираше криминал и корупциски скандали, се прашувам колку ли вистина има во онаа народната – види го човека со кого е опкружен, со кого се дружи, кои му се пријателите (соработниците), ќе заклучиш и ќе знаеш каков е и тој.

За поединци советници секоја чест но тие се исклучоци кои стварно си ја заслужуваат позицијата и го потврдуваат правилото, но за еден поголем број паразити, полтрони и подлизурковци, кои се гноиво од кое расте само зло во оваа земја, а особено последниов потег со назначувањето на Џезо за советник за безбедност, не да не е за пофалба, туку е за пеза.

Наводно многу труд се вложило да се афирмира стручноста, професионалноста и компетентноста, за денес, како држава да се доведеме до таму, Џезо да го советува премиерот за безбедност?! Овој потег е скандалозен, зарем до толку нашиот премиер не е упатен во безбедносната сфера за да има потреба токму Џезо да го советува?! Верувам дека тие што го обезбедуваат, се многу постручни од неговиот нов советник за безбедност и наместо да се срамат од тоа што го прават, тие бараат граѓаните да ги пофалат?

Или можеби има вистина во тоа што го пишува Џезо дека се договорил со премиерот да го ослободи Танушевци за тој да добие функција во владата. Од кого тоа да го ослободи Танушевци, кој го има окупирано, има ли нешто што се случува на безбедносен план, а се крие од граѓаните…среќна нова 2001 ли е во прашање?! Ако има нешто такво, јавно и јасно нека се каже што би требало и од кого да се ослободи во пограничните места на државата, зарем немаме полиција и армија тоа да го реши?! Очигледно нешто смрди, а смрдеата не е за фалба.

Освен компањоните и сотерористите на Џезо, не верувам дека некој друг ќе го пофали за овој потег нашиот премиер, напротив, повлечен е потег за срам, а кај нас, на истокот велат потег за пеза.

За сите најавени реформи за кои говори премиерот и владата, верувам дека и граѓаните си го поставуваат истото прашање, со кој тоа персонален состав се планира да се направат реформите?! Со дел од тие луѓе долго се познаваме, со години беа кочничари на реформските процеси, дел не испорачале никаков прогрес во институциите во кои работеле, а дел   се симнати од планина, како што сами кажуваат, каде се криеле по хумки, кај качаци и јатаци, криејќи се од полициите во регионот…белки не со нив?!

Премиерот многу одважно најави реконструкција на владиниот состав, отворено признавајќи дека во тој тим има луѓе што чесно, посветено и успешно работат, но има и такви што не знаат да работат и не ги даваат очекуваните резултати. Сега премиерот ретерира и ја одлага на неодредено време реконструкцијата на владата. Очигледно се охрабрил да најави реконструкција без да го консултира главниот играч во владината коалиција – Али Ахмети, кои со своите десетина пратеници без кои нема парламентарно мнозинство велемајсторски ги влече конците од сенка, како тој да е премиер.

За крај да заклучам, со таков персонален тим, дури и господ да не чува и Арпад Штербик да брани, многу тешко дека нешто ќе се промени, па дури и ако човек сака да си го пифали премиерот, на едната страна од тасот се стават добрите, а на другата тие работи што не се за машала, па која ли страна ќе превагне за да се изговори пофалба?!

Висока, навистина многу висока цена плаќаат граѓаните за уцените и неискуството на премиерот и владата да се справат со внатрешните проблеми и конечно да започнат процес на реформи за европеизација на нашата татковина Република Македонија.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес