Тачи и Ибраими бараат превод на албански, Шврговски бара кислород

Со жестока кавга и со барања стартуваше судењето за случајот „Титаник 2“ во кој за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година им се суди на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и на поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Обвинетиот Ибраими почна расправија со судијата Огнен Ставрев околу тоа му било скратено правото на одбрана на неговиот мајчин албански јазик, како и правото на бранител во текот на постапката. Обвинетиот Ибраими рече дека судот е должен да обезбеди превод на албански јазик на сите материјални докази кои СЈО ги има во овој предмет. Кавга настана околу тоа дали албанскиот бил службен друг јазик во постапката, или, пак, мајчин јазик на обвинетиот Ибраими, според кого судот на обвинетите им го повредувал правото на користење на албанскиот јазик во текот на постапката.

Судијата Огнен Ставрев му укажа на обвинетиот Ибраими дека и тој и неговиот колега судијата Осман Шабани знаеле нешто од законот и го потсети дека на минатото рочиште изјавил пред судот дека го познава македонскиот јазик.

На барањата на обвинетиот Ибраими се приклучи и обвинетиот Тачи кој своето излагање пред судот го почна на албански, па продолжи дел на македонски и заврши повторно на албански јазик. Тачи рече дека барал користење на службен јазик, а не на мајчин јазик и дека бара превод на се што постои во овој предмет на албански јазик. Судијата Ставрев му укажа дека неговото барање ќе биде прифатено и ќе има се преведено како што му рече,  на неговиот мајчин службен јазик.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи им објасни на обвинетите дека не им е повредено ниту едно право, цитирајќи им членови од законот.

По овие барања адвокатите на обвинетите рекоа дека ќе бараат и изземање на судиите за на крајот адвокатот Љупчо Шврговски да побара од судијата да се измери нивото на кислород во судницата, бидејќи, како што рече, големата судница во стариот Кривичен суд немала услови за работа и за држење на рочиште за овој предмет денеска.

Ваквото барање на адвокатот Шврговски следеше користејќи го моментот што во судницата беше поставена кофа со вода бидејќи се расипала вентилацијата и капеше вода од плафонот.

Откако ги ислуша сите барања на адвокатите на обвинетите во „Титаник 2“, судијата Ставрев им се обрати со зборовите: „Вие слободно можете да барате се што мислите дека ви следува, да барате и наше изземање на кое ние веќе навикнавме, но ви укажувам дека ние како совет на судии сме подготвени и ако е потребно до полноќ ќе го судиме овој предмет денеска“.

По ова беше дадена пауза од околу еден час за да може судскиот преведувач да им обезбеди превод на Тачи и Ибраими на делот од обвинителниот акт во кој обвинителката Фетаи правеше измени.