Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција, една година по неговиот избор за шеф на државата, се променила и започнала многу реформи, но во исто време одби да ги преувелича своите заслуги.
– Никогаш не сум се доживувал како супер херој – рече Макрон и додаде дека бил свесен оти го очекува напорна работа, но нагласува дека не се плаши и дека сака да остане оптимист што се однесува до Европа.
Говорејќи во врска со одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор со Иран, Макрон рече дека ЕУ е таа што треба да го спаси мултилатералниот светски поредок кој САД го довеле во прашање и додаде дека жали за одлуката на Трамп.
Мислам дека е грешка и затоа ние Европејците мора да останеме заедно во рамките на овој договор, рече Макрон.
Тој додаде дека целосниот договор не може да се отфрли само затоа што една страна се повлекла и додаде дека ЕУ мора да го дополни и да го продолжи на периодот по 2025 година.
Според него, и покрај несогласувањето со политиката на САД кон Иран, односите со Вашингон не треба да се сфати дека се во криза, бидејќи, како што рече, имаат многу заеднички интереси, пред се кога станува збор за безбедноста и борбата против тероризмот.
Зборувајќи за спорот околу царината и трговијата со САД, Макрон процени дека Европа мора да биде самоуверена во врска со ова прашање.
Ние сме голема трговска сила. САД е сојузник и партнер, но ние, сепак, имаме сопствени правила. Мораме да се погрижиме овие правила да се почитуваат, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека не бил разочаран од Германија бидејќи и требало многу време да одговори на неговите бројни предлози за реформите во ЕУ.
Германија ќе ги формулира одговорите на нашите предлози и очекувам многу од тоа. Се надевам дека канцеларката Ангела Меркел и нејзината влада ќе бидат на висина на задачата и дека заедно ќе работиме да создадеме силна, суверена и единствена Европа, рече Макрон.
Тој вели дека не инсистира на назначување на еден, единствен европски министер за финансии, но смета дека оваа задача мора да се изврши.
Сеедно како ќе се нарекува таа институција. Решавачка е целта, вели тој.
Тој оцени дека монетарната унија на еврозоната нема да може трајно да преживее без финансиска помош од богатите на сиромашни земји.
“Мораме да го надминеме табуто и егоизмот”, рече Макрон, истакнувајќи дека финансиска поддршка за сиромашните членки во Германија е табу, а во Франција табу е промена на европските договори.