Македонија се соочува со недостиг од медицински сестри. Во Европа нормите предвидуваат над 600 сестри на 100 илјади граѓани, а во Македонија има 350. Затоа одливот на сестри треба да се спречи преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите, порачаа медицинските сестри од денешната Свечена академија што се одржа во Скопје по повод Меѓународната недела на сестринството.
– Нашиот апел од денешната свечена академија е да се запре одливот на медицински сестри. Бројките во Македонија не соодвествуваат со европските стандарди бидејќи има 350 сестри на 100 илјади жители, а во Европа нормите се над 600 медицински сестри на 100 илјади жители. Затоа велиме дека Македонија се соочува со недостиг од сестри, рече Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри.
Запирање на одливот, според неа, е можно така што ќе бидат подобрени условите за работата на медицинските сестри, но и зголемени коефициентите за личните доходи.