ЕК тужи шест држави за загадување на воздухот

Европската комисија одлучи да ги тужи Германија, Франција, Унгарија, Италија, Романија и Велика Британија поради непочитувањето на одредбите за квалитет на воздухот.

Комисијата уште лани најави дека ќе се пресмета со членките во кои загадувањето на воздухот е повеќе од дозволените европски регулативи.

Чекавме доволно долго и повеќе не може да чекаме, изјави Кармен Вела, европски комесар за животна средина.

Шесте земји-членки не успеаја да испорачаат „веродостојни, ефективни и навремени мерки за намалување на загадувањето што е можно поскоро, како што бара законот на ЕУ”, се вели во соопштението од комисијата.

Спротивно на тоа, Чешка, Словачка и Шпанија усвоија нови мерки откако во јануари го добија последното предупредување.

Франција, Германија и Британија ќе бидат тужени поради непочитување на ограничувањето за азот-диоксид, а Унгарија, Италија и Романија затоа што не успеале да го намалат нивото на штетните честички.

Европскиот суд на правдата може да изрече казни од неколку милиони евра доколку овие држави не го решат проблемот со аерозагадувањето. Токсичниот воздух секоја година предизвикува повеќе од 400.000 смртни случаи во Европа.