Тинејџерка прегазила старец во Скопје

Тинејџерка со автомобил прегазила старец, вчера во скопската населба Карпош 4, информираше МВР.

Според полицијата, сообраќајната несреќа се случила околу 11 часот на крстосницата од булеварот Партизански Одреди со улицата Никола Парапунов. Тогаш И.С. (19) од Скопје, управувајќи автомобил „фиат“ удрила во пешакот Л.Ф. (81) од Скопје.

Од ударот, Л.Ф. добил тешки повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градска општа болница „8-ми Септември“. По укажаната лекарска помош тој бил препратен на Клиника за торакална хирургија при комплексот клиники „Мајка Тереза“ на понатамошно лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.