САД и Кина договориле намалување на американскиот трговски дефицит

САД и Кина договориле мерки со коишто ќе се намали американскиот трговски дефицит во стоковата размена со Кина, откако Пекинг се согласил да купува повеќе американски стоки, се наведува во заедничката изјава објавена во саботата.

„Се согласивме да преземеме ефикасни мерки за во голема мера да го намалиме трговскиот дефицит на Соединетите држави во размената со Кина. За да одговориме на растечките потреби од потрошувачка на кинескиот народ и потребата од висококвалитетен економски развој, Кина значително ќе го зголеми купувањето стоки и услуги од САД. Со тоа ќе помогне да се поддржи растот и вработувањето во Соединетите дрчави“ , се истакнува во изјавата.

Се додава и дека Кина „ќе донесе релевантни амандмани на своите закони и прописи“ и со тоа ќе овозможи поголем увоз од САД, вклучително и измени на законот за патентите, односно интелектуалната сопственост.

Изјавата е објавена по завршувањето на разговорите водени во четвртокот и петокот меѓу делегациите на двете земји во коишто од кинеска страна учествуваше и заемникот на премиерот Лиу Хе.

Американскиот претседател Домалд Трамп ветувањето за намалувањето на американскиот трговски дефицит со Кина го вброи меѓу приоритетите на својата кампања. Кина минатата 2017 година кон САД имаше рекорден суфицит од 375,2 милијарди долари. Трамп сака да го намали за 200 милијарди долари до 2020 година.

Двете земји се обидуваат да избегнат трговска војна пред на сила во вторник да стапат евентуалните американски царини на кинескиот увоз. Трам, кој ја обвинува Кина за нелојална конкуренција, веќе ѝ наметна на Кина царини од 25 отсто на увозот на челикот и 10 отсто за алуминиумот, а се закани со нови царини чиј обем би изнесувал 50 милијарди долари на разни кинески стоки за да ги надомести загубите, коишто според тврдењето на Вашингтон, ги трпат американските компании бидејќи Пекинг ја краде интелектуалната сопственост.