
Дипломати од Европската унија, Кина и Русија ќе разгледуваат нов договор со кој на Иран би му се понудила финансиска помош во замена за запирање на развојот на неговата балистичка програма и мешање во регионот, во надеж дека ќе се спаси меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година од кој на почетокот од месецов истапија САД што се заканува со нови регионални тензии, пишуваат во неделата германските медиуми.
Функционерите ќе се сретнат во Виена идната седмица под водство на високата европска дипломатка Хелге Шмид за да разгледаат натамошни чекори по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп од 8-ми мај за повлекување од нуклеарниот договор со Иран, пишува Welt am Sonntag повикувајќи се на високи извори во Европската унија.
На средбата ќе присуствуваат Германија, Велика Британија, Франција, Русија и Кина, но нема да има претставници на САД. Засега не е јасно дали на состанокот ќе присуствуваат и дипломати на Иран, кој досега даваше отпор на запирањето на својата ракетна програма.
Европските земји се загрижени поради најавите дека САД повторно ќе воведат економски санкции против Иран, под што може да подлежат и значајни компании од земјите членки на ЕУ кои по деценијата ембарго со големи договори се вратија на иранскиот пазар.
Според договорот од 2015 година Иран ја запра својата програма на збогатување ураниум над ниво од 4 отсто и дозволува ненајавени меѓународни проверки на неговите нуклеарни постројки, во замена за укинување на санкциите. Еден од главните приговори на администрацијата на Трамп, поддржана од Израел и сунитските арапски регионални ривали на шиитски Иран, е тоа што овој договор не ги опфаќа иранската ракетна програма или неговата поддршка за шиитски вооружени групации на Блискиот исток кои Западот ги смета за терористички.