
Студентите од Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство, ФИНКИ, докажаа дека не само што се паметни, туку во нив чука големо срце полно со љубов и добрина за сите. Особено за нивните најмали другарчиња од Посебното основно училиште „Иднина“.
Тие по предметот „Медиуми и комуникации“ наместо да одберат да решаваат комерцијални проблеми решија да направат проект со име „Хуманост“ и да ги рашират рацете за дечињата со посебни потреби.
Студентите за нив организираа работилница на тема Велигден каде што боеја и изработуваа украси за велигденски јајца, се смееја и ги галеа слатките дечиња. Потоа сите заедно ја обиколија Зоолошката градина.
И покрај тмурното време насмевките и среќата во очињата на децата вчера сјаеја посилно од сонцето во Зоолошката градина.