
Премиерот Зоран Заев по втор пат е амнестиран политичар за очигледен криминал и повторно избега од соочување со правдата и со одговорност за криминално однесување, велат од ВМРО-ДПМНЕ по ослободителната пресуда за лидерот на СДСМ за случајот „Поткуп“.
Ослободителната судска пресуда не изненади никого. Jавностa е свесна како работи судството под политички притисок на власта. Беше сосема јасно дека судот нема да собере храброст да му изрече казна на главниот „реформатор“ во правосудството. Беше сосема јасно дека судот ќе подлегне на заканите од Зоран Заев дека би можел да си ги реализира најавите за генерален реизбор на судии, во кои тој како реформатор би носел одлука кој нема да биде реизбран. Бројни се заканите, но и наградите со кои власта ги мотивира или заплашува судиите да работат по нејзин терк, велат од партијата.
Според нив, денешната одлука на судот е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Заев бара поткуп, потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице.
Денешната пресуда ги покажа двојните аршини по кои работат македонските судови. Пред неполна година, судот во Кавадарци, осуди поранешен градоначалник за поткуп, само и само врз основа на изјава на сведок, изјава кој патем во неколку наврати сведокот ја менуваше. Разликата меѓу двата процеси е во тоа што тука му се суди на лидерот на СДСМ, а во Кавадарци се судеше на функционер на ВМРО- ДПМНЕ, изјави портпаролот Наум Стоилковски.
Тој потсети дека ВМРО- ДПМНЕ веќе кажа оти судските процеси се со веќе познат исход, а пресудите се склопуваат од страна на криминалниот картел во власта.
Не беше потребна голема анализа за да се предвиди каква ќе биде пресудата. Исто како за „Поткуп“, веќе сите зборуваат за исходот од предметот „Тенк“ и пресудата што треба да биде изречена, иако дури и сведоците на обвинителството сведочеа контра обвинението. Денешната судска пресуда не е правда. Денешната судска пресуда е неправда. Со денешната пресуда на дело се потврди неказнивоста на власта. Пораката што денеска се испрати гласи: Законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција. Пораката што денес се испрати е дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците. Судството мора да се реформира и ќе се реформира кога криминалниот картел ќе си замине од власт, рече Стоилковски.