Со новите санкции САД забрануваат откуп на долгот на Венецуела, за Каракас се нелегални

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот, ден по претседателските избори на коишто повторно победи левичарскиот претседател Николас Мадуро а кои Западот ги оцени како „нечесни и недемократски“, ѝ наметна нови санкции на Венецуела со уредба со којашто на американските државјани им се забранува откуп на долгот на оваа земја со цел латиноамериканска држава да остане без свежи пари.

„Денешната извршна уредба затвора уште еден пат на корупцијата кој го забележавме дека се употребува: им забранува на корумпираните венецуелски функционери можност непримерено да ја вреднуваат и продаваат јавната сопственост во замена за провизии“, соопшти претставник на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за новинарите.

Во неделата венецуелскиот претседател Николас Мадуро победи со 67,7 отсто од гласовите, или трипати повеќе од водечкиот противкандидат на претседателските избори кои опозицијата ги прогласи за лажирани и дел од неа ги бјкотираше, а Западот ги прогласи за недемократски.

САД им забрануваат на американските компании и поединци одредени трансакции за на Венецуела да ѝ се ускратат готовите пари, а на корупмираните функционери да им се оневозможи заработка, тврдат во Вашингтон. Забраната стапи на сила веднаш и забранува откуп на долгот на венецуелската влада или на државните претпријатија. Уредбата ги надополнува низата санкции наметнати за владата во Каракас изминатите години.

Речиси сите владини функционери во Венецуела се погодени со овие санкции на САД и Европската унија, а на оваа листа од 70 лица во понеделникот беше додадено уште едно. Тоа е вториот човек во земјата Диосдадо Кабељо.

САД, коишто откупуваат третина од сировата нафта на Венецуела којашто, пак, ги има најголемите нафтени резерви на светот, се закануваа во минатото дека ќе воведат нафтено ембарго и ќе им забранат на своите граѓани какви и да се трансакции во венецуелскиот долг.

Официјален Каракас, пак, во вторникот американските мерки ги оцени како илегални.

„Санкциите се лудили, варварски и во целосна спротивност со меѓународното право“, изјави венецуелскиот министер за надворешни работи во кусата изјава за новинарите пред претседателската палата Мирафлорес.