Шведски суд го блокираше во вторникот контроверзниот проект за градење на Нобеловиот центар во Стокхолм, кој според мислењето на критичарите предводени од кралот Карл Шеснаесетти Густаф, би можел да го уништи историскиот јадро на престолнината.
Проектот на Нобеловата фондација, дело на Британецот Дејвид Чиперфилд, предвидува градење на голема позлатена зграда со прави агли, на кејот на местото на зградата на царината од XIX век. Поради неговата големина и стилот кој е во спротивност со класичниот со користење на камен во околината, Нобеловиот центар предизвика жестоки критики.
Апелациониот суд им даде привремено право на критичарите на проектот, оценувајќи дека тој „неповратно би го променил разбирањето на историјата на Стокхолм како пристанишен, поморски и трговски град“. Зградата би можела да нанесе штета на „зачувувањето на културното наследство“ на квартот Бласиехолмен, се наведува исто така во пресудата на којашто изведувачите на проектот може да се жалат на повисока истанца.
Проектот веќе беше намален за еден кат по јавната расправа, а Градскиот совет го одобри во 2016 година. Градењето требаше да започне во 2017 година, но доцни поради судските постапки.
Во новата зграда би требало да се одржат сите активности на Нобеловата фондација, освен Нобеловиот прием по доделувањето на наградите којшто и натаму ќе се одржува во Градскиот совет.
Градењето во најголем дел ќе го финансираат богати покровители, меѓу кои се семејствата Валенберг, едно од најбогатите во земјата, како и семејството Персон, коешто го контролира модниот синџир „H&M“.