Реал (М) без Роналдо ја напаѓа Барселона

Валенсија и фудбалскиот храм „Местаља”, денеска ќе бидат домаќини на финалниот натпревар од Купот на Шпанија, кој ќе биде уште еден дуел помеѓу најголемите ривали во Примера дивизион, екипите на Барселона и Реал (М).

Сите во Шпанија се сложни дека Барселона е во предност поради неиграњето на најголемата ѕвезда во дресот на Реал (М), Кристијано Роналдо и дека „кралскиот клуб” е во предност поради лошите резултати кои каталонскиот гигант ги има забележано во изминатите 10 дена.

Предводникот на „кралскиот клуб”, Карло Анчелоти и официјално потврди дека португалскиот интернационалец нема да настапи во финалниот натпревар од Купот на Шпанија.

„Нема да ризикуваме со повредата на Роналдо. Кристијано нема да игра во финалниот натпревар. Ќе тренира пред натпреварот, ќе биде и во Валенсија, но нема да биде во комбинација за игра. Пред неколку часа дознав дека не можам да сметам на неговите услуги. Јас сум убеден дека Реал (М) може да одигра одлично и без помошта на Роналдо”, изјави трофејниот италијански стручњак.

Финалниот натпревар стартува во 21.30 часот.