
Едно место во ДИК е секогаш резервирано за најголемата опозициска партија од албанскиот блок, но овојпат резултатот е изедначен меѓу Алијанса за Албанците кои освоија две пратенички места и крилото на БЕСА, предводено од Касами, кое остана во опозиција, исто така со двајца пратеници. Поделеноста на БЕСА е проблем и за Собранието, за што денеска се огласи и претседателот Талат Џафери, велејќи дека ќе треба да си најдат решение затоа што не може дел од пратениците од иста пратеничка група да се во владејачкото мнозинство, а дел во опозиција.
Пратеникот Фадил Зендели од крилото на Касами, вели дека, тој и неговата колешка Теута Биљали веќе се изјасниле дека во Собранието ќе дејствуваат како опозиција и нема да гласаат за влез на другото партиско крило во владата.
Од крилото на Касами велат и дека, Движењето БЕСА е опозициска партија и секој пратеник што не е на иста линија треба да го предаде мандатот, добиен во име на партијата, а не во лично име. Нагласуваат дека, постои само едно Движење БЕСА, со претседател Биљал Касами, а сите други што го злоупотребуваат името и партиските симболи, веќе се соочуваат со правни постапки пред судовите.
Од крилото на Гаши, пак, велат дека чекаат првин да заврши седницата за реконструкција на владата, закажана во петок, па потоа ќе се најде решение за овие проблеми. Во партијата веќе се разговарало за можните решенија, имаат и предлози на маса, но ќе се разгледуваат од следната недела.