Тоа беше израз на мојата душевна болка – вели кумановецот кој исцрта кукаст крст на споменикот на Тито

Шеесетгодишниот Мики Заовски од Куманово сам се пријавил во кумановската полиција и информирал дека тој ги испишал графитите на спомен плочата на Јосип Броз Тито поставена на градскиот плоштад, соопшти денеска, СВР Куманово.

Во соопштението на полицијата се наведува дека лицето се пријавило самоиницијативно, вчера, во 12 часот во полициската станица во Куманово.

По целосното расчистување на случајот против него ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка по член 17 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Заовски вчера преку медиумите им објасни на граѓаните зошто исцрта кукаст крст на споменикот на Тито, а потоа замина во полиција.

Свесен сум што направив, но немам никаква одговорност, тоа беше израз на мојата душевна болка од сите овие години – вели Заовски.

Тој објаснува дека како поединец го сторил фарбањето на споменикот, првин со спреј, но откако тоа не се познавало убаво, истиот го префарбал со црна фарба, затоа што како што вели ликот на Тито е црн самиот по себе.

Јас тоа го направив како израз на мојата душевна болка, сите овие години кога ќе поминам и ќе го погледнам, доста беше време за молчење, знам дека имам многу истомисленици во Куманово и на Балканот, знам историски факт е дека тоа е агент на МИ6, англиската кралица на целиот свет, вели Заовски.

Шеесетгодишниот кумановец вели дека сите овие години не се свртело вниманието на тој споменик зошто стои на плоштадот во градот. На ликот и делото на Јосип Броз Тито вели дека е негативен историски лик за Македонија. За Куманово вели дека скоро 80 години е заробено од комунистите.

Моето барање е веднаш да се отстрани и ако борците имаат смелост и храброст, во наводници ако се сега борци, ако јас имам 60 години од 1958 година, од 40-те се плус 18 години, тоа се осумдесетина години колку што е и заробен овој град од комунистите, преку Комунистичката партија на Македонија и Комунистичката партија за демократска преобразба, единствен случај во Европа дека толку има владеење на една партија преобразена. Тоа е партија на пеперутки, пеперутката каде ја носи ветерот, така и нивното раководство сега, од Заев па до градоначалниците нивни, вели Заовски.

Уште во 1971 година, Мики Заовски со графити со ВМРО во центарот на Куманово ги налутил властите и бил приведен. Социјален случај е со сопруга која е технолошки вишок од кумановскиот тутунски комбинат. Започнал правни студии, но поради економски причини не успеал да ги заврши.

Со транспарент во рацете планот на Заовски беше да оди пред Општина Куманово и да бара телевизиски дуел со градоначалникот Максим Димитриевски, но во тој момент на градскиот плоштад додека зборуваше со медиумите се појавија двајца полициски службеници кои го легитимираа и побараа со нив да тргне на разговор во полициската станица.