Протест на издавачите на педалинки во Струга

Рамиз Мерко под итно да ја повлече забраната за издавање на педалинки на струшките плажи ова лето, бараат сопствениците кои денес излегоа на мирен собир. Велат дека на тој начин егзистираат голем број семејства во Струга. Ќе се жалат и до Уставниот суд, за што веќе собираат и потписи за петиција која деновиве ќе ја достават до судот, пренесува АлсатМ.

Јас како граѓанин на Струга, излегов заедно со овие луѓе кои се оставени сами овде, без никаква помош од градоначалникот и од Владата. Така што 20 семејства ќе останат без работа, без храна бидејќи некои, целата зима ја поминаа со леб и сирење, а некои спиеја по хотели и јадеа по ресторани. Ова не е фер, рече Исан Рамадани- издавач на педалинки.

Според Бојан Блажевски луѓето чекаат  чекаат да дојде сезоната за да може да ја поминат зимата.

Не барам милостина од некого или некој да ми поклони нешто. Барам дозвола да работа со педалинки бидејќи живеам  под кирија. Моите ќерки ми купија три педалинки и ги зедоа на кредит, реагираше Мимоза Мојсоска- издавач на педалинки.

Овие луѓе прашуваат зошто истата одлука не се применува во Охрид, Преспа, Дојран или на Дебарското езеро?

Тие велат дека има давеници во езерото. Но, давеници има и во реката Дрим и на други места околу езерото. Тоа не значи дека само од педалинките се случуваат несреќни случаи, вели Ненад Гучески-сопственик.

Но, градоначалникот Мерко вели дека одлуката е конечна и нема отстапување од неа. Најави дека на сопствениците ќе им биде даден рок од неколку дена да ги отстранат педалинките. Доколку тоа не го сторат, тогаш тоа ќе го сторела општината.