Уапсен па ослободен големиот критичар на Путин

Британецот Вилијам Браудер, основачот на фондот „Ермитаж капитал“ и еден од најголемите критичари на Владимир Путин бил уапсен, па ослободен од шпанската полиција, по меѓународна потерница на барање на Русија. По еден час во притвор, тој бил ослободен бидејќи, според информациите од медиумите, налогот веќе не бил валиден, соопштила шпанската полиција.

Браудер лани беше осуден на девет години затворска казна од страна на рускиот суд, поради измама и затајување данок. Интерпол претходно одби да издаде налог за негово апсење, сметајќи го за претежно политичка природа. Но утрово, Браудер на својот Твитер профил објави дека шпанската полиција го уапсила на барање на Русија.

Добри вести. Шпанската национална полиција ме ослободи, откако од Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион, добиле совет да не го почитуваат новото руско барање до Интерпол. Ова е шести пат како Русија преку мојот случај, го злоупотреби Интерпол, напиша Браудер на Твитер.

Браудер, пред неговото протерување од Русија во 2005-та година, раководеше со еден од најуспешните инвестициски фондови државата. Тој лобираше за воведување на американски санкции кон Москва, откако беше уапсен неговиот адвокат, Сергеј Магнитски кој подоцна почина во притвор.