Одбојкарите повторно загубија од Австрија

Одбојкарската репрезентација на Македонија го доживеа и третиот пораз во групата А од Сребрената Европска лига. Избраниците на селекторот Љубомир Травица повторно имаа сили за да освојат само еден сет против Австрија. Сега како гости, одбојкарите одиграа речиси идентично како и во Скопје, и се враќаат со пораз од 3:1 во сетови.

Австрија го доби комфорно првиот сет со 25:20, откако Македонија покажа многу слабости во организацијата на играта, но и при приемот на топката.  Нашите одбојкари заиграа многу подобро во вториот сет, и успеаја да го добијат со 25:23.  Но, потоа тесно го загубија третиот сет. Избраниците на Травица беа рамноправни до самиот крај, но попушти концентрацијата во најважните моменти, па Австрија славеше со 26:24. Домашната селекција продолжи во ист ритам, па го комплетираше и четвртиот сет со 25:20.

Сепак, ова се само мечеви за воигрување за македонските одбојкари, затоа што тие како домаќини сигурно ќе учествуваат на завршниот Ф4 турнир што се одржи во Скопје на 15 и 16 јуни. По четири одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на третото место во групата со три освоени бода. Следниот меч на нашиот национален тим е в недела, кога сме домаќини на Летонија.